Мицкоски: Фалсификувани лиценци нема да се толерираат

Сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца за кабаре. Во 2021 година му е издадена лиценца за прв пат, а објектот работи од 2014 година. Фалсификувана е и лиценцата што ја добил во 2024. Жалам што ова досега се толерирало, но отсега нема да се толерира, кажа во изјава за медиумите денеска премиерот Христијан Мицкоски.

„Со измени на Законот од 2007, правното лице доставува изјава со која под полна кривична, материјална и морална одговорност тврди дека ги исполнува техничките услови за работа, без притоа надлежните да имаат обврска да проверат дали и навистина се иполнети техничките услови за работа. Направен е пропуст со тоа што самото правно лице тврди дека исполнува, а тоа никој не го проверува. Ќе бараме законски измени ова да се смени“, кажа тој.

Мицкоски уверува дека ниеден угостителски објект кој не ги исполнува минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира.

Во врска со оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, премиерот кажа дека нема да го штити ако Јавното обвинителство утврди и докаже било каква вина за трагедијата во која животот го загубија 60 лица.

„ЈО ќе утврди колкава е одговорноста на градоначалникот. Тој и самиот во оставката напиша дека е на располагање на органите на прогонот. Не го штитиме дека е тој член на ВМРО-ДПМНЕ. Никого нема да штитиме. Ќе одговара ако има било каква вина“, додаде Мицкоски.

На новинарско прашање дали тој ќе појде во Кочани да се потпише во книгата на жалост, Мицкоски кажа дека сега било потребно да биде во Скопје и да носи одлуки.

„Не стравувам да појдам во Кочани, совеста ми е чиста“, додаде тој.

INFO