Градот Скопје најави дека празничниот дух оваа година повторно ќе се врати на плоштадот „Македонија“, каде што со свечена програма, музика и богата понуда ќе биде означен почетокот на новогодишните и божиќните манифестации. Настанот ќе се одржи на 15 декември во 18 часот, а организаторите најавуваат изненадувања за посетители од сите возрасти.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски упати покана до сите граѓани да присуствуваат на заедничкото вклучување на празничното осветлување, истакнувајќи дека празниците се време кога Скопје повторно блеснува со радост, солидарност и заедништво.
„Нашиот град е најубав кога свети од насмевки и празнична магија. Сите ја заслужуваме топлината што ја носат празниците. Затоа со голема радост ве канам да го започнеме едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика и подароци, како и со омилените херои што ќе ги израдуваат најмладите“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека од 16 декември ќе следуваат секојдневни настани и активности кои ќе траат до самата Нова година. Според него, новогодишната ноќ ќе донесе спектакуларен дочек што, како што вели, „Скопје долго ќе го памети“.
Градот апелира до сите граѓани да се приклучат на отворањето на празничната сезона и да ја споделат најубавата празнична атмосфера на плоштадот „Македонија“.