Мицкоски: Минималната плата може да се зголемува, но ако за тоа се согласат и работниците и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата не е против да се зголеми минималната плата, но посочи и дека за тоа мора да се согласат и работниците и работодавачите, како и дека зголемувањето треба да се темели на реалните економски можности. Мицкоски смета дека за да биде одржливо зголемувањето на платите не треба да се постигне со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија.

Посочи дека паралелно со разговорите за минималната плата, мора да се работи на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал бидејќи на тој начин ќе се создадат услови платите да растат континуирано, без да се загрозат работните места или конкурентноста на компаниите.
„Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но, исто така сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес.
„Ќе ги поддржиме сите решенија што се правични, економски издржани и договорени преку консензус. Наш интерес не е краткорочен политички поен, туку долгорочна стабилност, предвидливост и економија што може да ги издржи предизвиците на современото време. Верувам дека преку искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка визија, можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите. Тоа е патот кон посилна економија и посигурна иднина за нашата држава“, заклучи Мицкоски.

Според премиерот, Економско-социјалниот совет не е формалност, туку ја потврдува определбата клучните економски и социјални прашања да се решаваат преку дијалог, партнерство и заемна одговорност.
„Нашата цел е јасна посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително“, рече тој.

INFO