
Администрацијата на Трамп отповика околу 30 дипломати од кариера од амбасадорски и други високи позиции, во обид да ја преобликува дипломатијата на САД со персонал за кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на претседателот Доналд Трамп, односно „Америка на прво место“. На листата се најде и Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер.
Како што објави агенцијата Асошиејтед прес, шефовите на дипломатските мисии на САД во најмалку 29 земји биле информирани минатата недела дека нивните мандати ќе завршат во јануари, според двајца претставници на Стејт департментот кои зборувале под услов на анонимност.
Сите тие ги презедоа своите позиции во администрацијата на Бајден, но ја преживеаа почетната чистка во првите месеци од вториот мандат на Трамп, која главно беше насочена кон политички назначени лица. Амбасадорите ги назначува претседателот, иако обично остануваат на своите позиции три до четири години. Оние кои се погодени од реконструкцијата не ги губат своите работни места во надворешната служба, туку ќе се вратат во Вашингтон за други задачи доколку сакаат да ги остваруваат.
Стејт департментот одби да коментира за конкретни бројки или засегнати амбасадори, но ги бранеше промените, нарекувајќи ги „стандарден процес во секоја администрација“. Во него се забележува дека амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да обезбеди дека има поединци во овие земји кои ја промовираат агендата ‘Америка на прво место’“.
Од европските држави, покрај во Македонија, отповикани се и амбасадорите во Црна Гора, Словачка, Ерменија.
Анџела Агелер беше на функција Амбасадор во Северна Македонија од 27 септември 2022 година. Агелер, која е дипломатка од кариера, прво беше в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан. Претходно има работено на разни функции во Стејт Департментот и во амбасадите во Париз, Ханој, Њу Делхи и Будимпешта, како и во амбасадата во Скопје, задолжена за односи со јавноста.