ДИК го усвои конечниот извештај за Локалните избори 2025

„Овој извештај го доставуваме како и секогаш, после сите избори согласно Изборниот законик до Собранието и извештајот јавно се објавува, ги содржи потребните податоци за спроведените изборни дејствија од страна на Државната изборна комисија,  преземените активности хронолошки се подредени, надлежностите и сè она што беше преземено од наша страна за време на изборниот процес. Исто така, ги содржи и сите финансиски аспекти во врска со спроведувањето на изборите, трошоците кои ги имаше ДИК кои се наменети за целокупното работење и целокупните трошоци за сите изборни дејствија во врска со спроведените Локални избори“, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Преку овој извештај ДИК преку двата документи овозможува преглед и отчет за преземените дејствија, активностите за спроведените локални избори, ќе го достави до Собранието и јавно ќе биде објавен.

На денешната седница беа усвоени и предлог одлука за формирање на работна група задолжена за подготовка, проверка на доверливиот и недоверливиот изборен материјал и неговата достава до општинските изборни комисии за изборите кои ќе се одржат на 11 јануари. Работната група има овластувања, како и работните групи за локалните избори, но е во помал формат, наменета за изборите во четирите општини. ДИК донесе одлука за ангажирање на лицата во работната група за одржување на серверската и мрежна инфраструктура, одржување на бази на податоци и обработка на избирачки список како и за определување на надоместок на ангажираните лица. Како што појасни Кондарко, согласно изборниот законик, ДИК има овластување да носи ваква одлука, со оглед на потребата за спроведувањето на изборите.

„Ние донесовме ваква одлука и во пресрет на локалните избори 2025 година. Со оглед дека важноста на оваа одлука е до 31 декември, годинава, а поради повторените локални избори во јануари 2026-та, мораме да ги ангажираме овие лица кои ќе ги извршуваат истите функции, ќе ги имаат истите надлежности како и за локалните избори и на овие повторени избори. Нивниот ангажман ќе биде ограничен само на еден месец за време на спроведувањето на повторените избори значи во јануари 2026-та година заклучно со 31-ви јануари“, рече Кондарко.

На денешната седница беше донесена и одлука за формирање на работна група за меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и безбедносни прашања. И оваа работна група ангажира стручни лица, експерти од ИТ сферата и безбедност за непречено одржување на изборите, чиишто овластувања и надлежности не се менуваат туку  наменски се определени за потребниот временски период за потребите на претстојните избори.

На дневниот ред на денешнава 165-та седница беа определени координатор, заменик-кооринатор и членови на меѓу институционалното координативно тело за ИКТ и безбедносни прашања кои ќе бидат ангажирани овој ограничен временски период во текот на месеци јануари за спроведување на изборите за градоначалници во четирите општини.

„Тие лица веќе беа ангажирани за локалните избори и професионално и стручно си ја извршија нивната работа така што овие лица се неопходно потребни, ги задржуваме со ограничен мандат со донесувањето на оваа одлука за да имаат формално пристап и овластување да ги извршуваат изборните дејствија од ИТ областа на работењето на ДИК“, рече Кондарко.

ДИК продолжува да ги презема законските редовни активности согласно роковникот за организирање и подготовка на сите изборни дејствија кои се однесуваат на изборите за 11 јануари. 

INFO