Во текот на денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, одговарајќи на новинарски прашања се осврна и на последните статистички податоци за сиромаштијата во земјата. Говорејќи за стапката на сиромаштијата и т.н. „џини индекс“, премиерот рече тој параметар што ја покажува стапката на распределбата на доходите кај населението во 2024 година бил понизок отколку претходната, и гледано пошироко најповолен за последните четири години.
„Ако во 2020 стапката на сиромаштија изнесувала 23 проценти, во 2024 таа изнесува 21,9 проценти. Кога станува збор за нееднаквоста во доходите, тој џини индекс во Македонија во 2024 година за првпат во последните триесет години е под 30 проценти. Од 33,3 сега е на 29,1 процент и е најдобар во регионот…Можеби некој ќе се исмејува, но тој индекс е подобар од европскиот просек и од сите држави од регионот, што значи дека имаме поголема еднаквост во распределбата на доходоите меѓу населението“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи активно да работи на програми за подобрување на состојбите со охрабрување упатено до општините да продолжат со проектите како оној за парцијализација за млади брачни парови, ослободување од плаќање комуналии…
„Како Влада ќе почнеме да имплементираме поврат на даноци за мајките за прво, второ трето плус родено дете, тука е проектот за шест „ин-витро“ процедури што веќе функционира, вложуваме во вакви објекти што треба да се грижат за тоа, така што еден по еден ветувањата продолуваме да ги реализираме“, рече тој.
Што се однесува на растот кај индексот на сиромаштијата за категоријата пензионери, премиерот истакна дека токму поради тој параметар била донесена одлуката за линеарно покачување на пензиите.
„Очекувам лаекенскиот параметар односно стапката на сиромаштија во групата пензионери во 2025 драматично да биде подобрена. Со тие 2500 денари покачување во ноември 2024, потоа 2500 линеарно зголемување во април 2025, илјада денари во ноември, очекувам драматично да биде подобрена стапката на сиромаштија во групата пензионери споредбено со претходните години“, рече тој.
Мицкоски истакна дека крајните резултати во подобрувањето на индексот на сиромаштијата кај пензионерите се уште не можат да се согледаат поради тоа што главните покачувања на мензиите се спроведени на крајот на календарските години, во месеците ноември, но оти доколку истиот се спореди со 2023 година секако ќе се види дека има подобрувања и тоа за 1,23 проценти.
„Тоа не е доволно, но ќе се забележи кога ќе бидат објавени податоците за 2025 година“, рече тој.
Во однос на минималната плата, Мицкоски кажа дека Владата ќе го поддржи секој договор што ќе го постигнат работодавачите и работниците.
„Нашиот став во однос на минималната плата сме го кажале, ќе го повторам, нас како Влада ни одговара зголемување на минималната плата, бидејќи ќе имаме поголеми приходи во буџетот. Ние сме работодавач на 100 000 вработени, а државата има 705 000 вработени. Значи тие 600 000 ќе дојдат кај нас. Ако гледаме себичќно, тогаш можеме да кажеме од утре да се зголеми, но ние велиме ние сме Влада којашто во рамките на социјалниот дијалог посредува меѓу работодавачите и работниците. Така што секој договор што тие ќе го постигнат си стоиме на ставот дека ние како Влада ќе го поддржиме. Така што тука не би имал многу што да додадам“, рече Мицкоски по посетата на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Во делот на статистиката, додаде премиерот, Евростат е единствена релевантна институција во Европа којашто вели дека потрошувачката кошница во земјава е најниска во Европа. Истакна дека ако ја споредиме со потрошувачките кошници во регионот е далеку пониска, на пример со Албанија, со Бугарија, со Грција, со Србија итн. или ако некој европски просек е 100, потрошувачката кошница кај нас е на ниво под 75.
Мицкоски посочи и дека Евростат има објавено за првата половина на годината куповната моќ на минималната плата колкава е, анализирани се 27 земји во Европа кои имаат имплементирано минимална плата.
„Ние се наоѓаме на средината и сме далеку поконкурентни од Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Албанија итн, и сме рамо до рамо со Грција. И единствена земја која споредено со прва половина 2025 со прва половина 2024, куповна моќ на минимална плата има зголемување. Кај сите има или стагнација, или намалување. Ќе се појават коментатори на социјални мрежи кои што ќе го исмејуваат ова што го кажувам, но тоа се факти што ги објавува Евростат. Имаме избор, дали да веруваме на Тевдовски, Поповски и Јовановиќ, министри во владата на СДСМ за финансии кои ја прават минималната потрошувачка кошница, или на Евростат. Граѓаните треба да изберат на кого ќе веруваат, јас само ги цитирам Евростат и јас верувам на Евростат“, кажа Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Клиниката.
Премиерот Мицкоски денеска ја посети Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде беше заокружен процесот на реконструкцијата и набавката на нова опрема за клиниката.