Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава предизвикаа излевања на реки, поплави на објекти и отежнат сообраќај во неколку региони, покажуваат информациите за состојбата до 9 часот утринава.
Во тетовскиот и гостиварскиот регион, поради силниот дожд, локалниот пат меѓу селата Форино и Тумчевиште во Општина Гостивар е тешко прооден. За состојбата се известени општинските служби и полицијата. Забележано е и излевање на Лакавичка река во селото Мало Турчане, како и на Сушечка река во селото Горна Бањица. Надлежните институции и службите за итно дејствување ја следат состојбата на терен.
Во охридскиот регион се евидентирани поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Реката Далјан се излеала од коритото на неколку места, при што се поплавени голем број куќи. Локалната самоуправа и Кризниот штаб се известени и екипите за итни интервенции се веќе на терен.
Сериозна е состојбата и во кичевскиот регион. На улицата „Прилепска“ во Кичево поплавени се повеќе стамбени објекти, поради што е извршена евакуација на околу 100 лица. Тие се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња. На терен интервенираат екипи на Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица, ЈП „Комуналец“ и Општина Кичево. Регистрирани се и излевања на Зајашка река кај стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и на реката Треска, која поплавила земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината.
Во битолскиот и преспанскиот регион, поради обилните врнежи е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени куќи и дворни места.
Надлежните служби апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните информации и препораки.