Влада донесе одлука за ангажирање на вкупно 10.000 странски државјани во 2026 година, со цел да се покријат потребите на домашниот пазар на труд. Одлуката стапува на сила од 16 јануари и, како што посочуваат надлежните, е насочена кон поддршка на економијата и надминување на недостигот од работна сила.
Најголемиот дел од квотата, односно 9.750 дозволи, се однесуваат на редовно вработување. Од нив, 4.500 се наменети за нови работни ангажмани, додека 5.250 ќе служат за продолжување на постојните работни дозволи за странците кои веќе работат во земјава. Покрај тоа, предвидени се уште 200 дозволи за упатени работници и 50 за сезонска работа.
Од Министерството за економија и труд најавуваат дека континуирано ќе ја следат состојбата на пазарот на труд, како и искористеноста на квотите, за навремено да се прилагодат мерките според реалните економски потреби.
Зголемувањето на квотите доаѓа откако бизнис-заедницата долго време апелираше дека недистигот на работна сила во индустрии како градежништво, угостителството, трговија и преработувачката индустрија е голем проблем.
Годинава, бројот на работни дозволи е за три и пол пати повисок во споредба од пред 5 години кога дозволи добиле само 1704 лица. Со најголем интерес за работа во земјава, се граѓаните на Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипини.
Владата секоја година одредува квота за работни дозволи со која се ограничува бројот на странски работници, при што таа не смее да надмине 5% од вкупно вработеното население. Синдикатите со години бараат поголема либерализација на пазарот на трудот и зголемување на квотите, а бројката од 10.000 дозволи претставува раст во однос на 7.000 во 2023 година.