Мицкоски: Македонија чека добри вести од Америка

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кратово изјави дека очекува „добри вести“ за македонските граѓани во врска со визите за Соединетите Американски Држави.

Тој појасни дека моменталната суспензија не се однесува на сите видови визи, туку исклучиво на имиграциските, додека туристичките и студентските визи, како што рече, продолжуваат да се издаваат без никакви пречки.

Мицкоски упати апел до јавноста за трпение и најави дека во наредните денови ќе следуваат информации кои, според него, ќе ги потврдат добрите односи меѓу Северна Македонија и САД.

„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за овој тип на односи со нашиот стратешки партнер. Јас би бил внимателен и трпелив“, изјави Мицкоски.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера изјави дека Скопје е во комуникација со Вашингтон по последната одлука на американскиот Стејт департмент да ја стави Македонија на листата на земји за кои го суспендира издавањето на имигрантски визи.

INFO