По пријава за семејно насилство, откриено автоматско оружје во Скопје, поведена истрага

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.

Осомничениот, на 13 јануари, во својот дом во Чучер Сандево, неовластено држел автомат „STEN MKII“ кое на граѓаните им е целосно забрането, како и 71 куршум муниција со калибар 9 mm Para соодветна за испалување од тоа автоматско оружје.

Оружјето и муницијата биле пронајдени во домот на осомничениот, откако неговата сопруга за тоа ги известила полициските службеници кои дошле во домот по пријава дека осомничениот и се заканувал нејзе и на нивните две ќерки родени 2006 и 2010 година дека ќе ги убие. Најпрво закани упатувал кон жената дека ќе ја запали, а потоа ја искршил покуќнината и со нож им се заканил и на ќерките. Поради ваквите дејствија со кои предизвикал чувство на загрозување и страв кај оштетените, тој е осомничен и за кривично дело – Загрозување на сигурноста.

Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

INFO