Снег на патиштата и во градовите, забрана за движење на камиони на Стража, Ѓавато и Пресека, како и на делниците Маврово-Дебар и Струга-Ќафасан

Врнежи од снег од утрово го отежнуваат сообраќајот во градовите и на патиштата. Како што информираат од Јавното претпријатие Македонија пат и од АМСМ, од утрово на сила е забраната за тешки товарни возила на превоите Стража, Ѓавато и Пресека, како и на делниците од Маврово до Дебар и од Струга до граничниот премин Ќафасан. Сообраќајот на патиштата се одвива по влажни коловози, интензитетот е умерен, додека на граничните премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември до 15 март 2026 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на временските услови.

„Возачите се повикуваат на зголемена внимателност, прилагодување на брзината и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои опасност од одрони. Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево“, апелираат од АМСМ.

ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот. На одредени патни правци кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони.

INFO