Македонските транспортери, заедно со колегите од балканските држави, од денеска ќе ги блокираат граничните премини во своите земји и кон Европската Унија, во знак на протест против одлуката од април годинава нивниот престој во европските држави да се ограничи според правилото 90/180. Транспортните превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ќе го сопрат сообраќајот на лентите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива без застој. Во земјава, затворени ќе бидат премините Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.
Како што велат од транспортната Асоцијација Макам-транс, одлуката на ЕУ да го ограничи времето на престој на возачите ќе ги колабира економиите на овие држави, а ќе придонесе и за поскапување на транспортните услуги, што производите од овие држави ќе ги направи неконкурентни на европскиот пазар.
„Падот на економиите во сите земји во Западен Балкан ќе биде огромен, ќе мора да се ангажираат странски превозници, што сериозно ќе го поскапи превозот. Од друга страна возачите доколку го надминат дозволениот број денови на престој се соочуваат со апсење, притвор и депортација“, вели Билјана Муратовска, претседател на Асоцијацијата.
Таа посочува дека вели дека првите 12 часа ќе бидат затворени премините за излез од Македонија, а на полноќ и за влез, а ќе се прави исклучок само за камиони со лекови, жива стока или експлозиви и муниција. Транспортерите најавуваат дека протестите ќе продолжат во текот на целата недела на сите премини на Балканот.
Министерот за транспорт Александар Николоски минатата недела изјави дека за проблемот со транспортерите и електронската евиденција во ЕУ се алармира подолго време, но досега не наишол на разбирање во ЕУ. Николовски истакна дека ова е огромен економски проблем кој што може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија и ќе влијае врз работата на транспортниот сектор во целиот регион, дополнително на извозно ориентираните компании. „Засега решение нема, а Владата целесно ги разбира транспортерите и најавените блокади на граничните прмини кон шенген земјите. Се работи за огромен економски проблем кој што може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија, бидејќи нашите економии се мали и главно се ориентирани кон извоз. Целокупното производство на компаниите кои прозиведуваат во ТИРЗ кои што работат најголем дел од луѓето во Македонија и кои што носат најголем девизен прилив -сто процентен извоз, голем дел од домашните компании кои се извозно ориентирани и ако не можат да извезат тоагаш запира и економската активност, а од друга страна ако превозот поскапе за 3 до 5 % тогаш стануваат неконкурентни на европскиот пазар“, вели Николоски.
Од Стопанската комора на Македонија денеска излегоа со соопштение дека проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт, односно со евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES
системот, треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните
премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен
Балкан во целост.
„Блокадите не можат да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на
граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните
најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите
деловни субјекти кои се влучени во надворешно трговската соработка. Засега никој не може да каже колкави ќе бидат загубите бидејќи тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство ради недостаток на суровина итн, но сигурно е дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес“, посочуваат од СКСМ.
Тие посочуваат дека, заедно со коморите од Западен Балкан, упатиле апел до претседателката на Европската комисија со барање да се усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение.
Од комората сметаат дека моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ.
„Европската Унија е нашиот најважен извозен пазар, со над три четвртини од вкупниот извоз на земјата и затоа од наш стратешки интерес е да се одржи стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки“, сметаат од Комората.