Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, беше итно хоспитализиран во Универзитетскиот клинички центар на Србија поради пневмонија. Докторите велат дека состојбата на Дачиќ е многу сериозна и дека тој е на интензивна нега на механичка вентилација, односно на респиратор. Се работи за билатерална пневмонија, а лекарите се борат за неговиот живот.
Според пулмологот Спасоје Попевиќ ситуацијата е подобра отколку кога бил примен, а следните 72 часа ќе бидат клучни.
„Тој моментално е на механичка вентилација – вентилатор, добива сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој вентилатор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борбата за неговиот живот“, рече доктор Попевиќ.
Утрово, пред да замине за Казахстан, претседателот на Србија повторно го посети Дачиќ, како што објави на својот Инстаграм.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека состојбата е малку подобра. Верувам во него“, напиша Александар Вучиќ, меѓу другото, на својот Инстаграм.
Потпретседателот на Главниот одбор на СПС, Новица Тончев, за ФоНет изјави дека Дачиќ денес се чувствувал многу лошо, поради што не присуствувал на одбележувањето на смртта на Владислав Јовановиќ, ниту на состанокот на Владата на Србија.
Дачиќ веќе некое време страда од дијабетес.