Николоски: Владата ќе гради нови експресни патишта за подобро регионално поврзување

Николоски во поткастот на Сител вели дека плановите опфаќаат изградба на нов експресен пат од Кочани до границата со Бугарија, нов експресен пат од Радовиш до Струмица и нова врска на коридорот 10 со коридорот Струма преку изградба на експресен пат од Смоквица преку Струмица до границата со Бугарија.

За делницата од Куманово до Страцин, Николоски информира дека веќе се работи на заеднички постапки со Европската Унија, со што ќе се заокружи поврзувањето со делот од Страцин до Крива Паланка, кој беше пуштен во сообраќај минатата година.

„Сега, во соработка со ЕУ, треба да го изградиме делот од Куманово до Страцин. Експресните патишта ќе бидат поинакви од досегашните што ги изградивме. Сменивме и закон и правилник и сега ќе личат, на пример, на автопатот Тетово – Гостивар, каде што ќе имаат две плус две летни со ограда на средината, ама оградата нема да биде бетонска, туку класична еластична ограда, таков е потегот на Дреново – Фариш, таму имаме две плус две ленто и со еластична ограда на средината“, истакна вицепремиерот Николоски.

Тој додаде дека Владата ги поминала основните документи за експресен пат од Кочани до границата со Бугарија.

– Клучен проект за мене е експресен пат од Радовиш до Струмица и уште еден експресен пат од Смоквица преку Струмица до границата со Бугарија и Петрич од другата страна – нагласи Николоски.

Во однос на автопатиштата на Коридорот 8 и Коридорот 10 д, вицепремиерот посочи дека работите се одвиваат со потребната динамика и дека проектите, со добро планирање и менаџирање, ќе бидат реализирани во предвидените рокови.

INFO