Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Сулстром, денеска го посетија училиштето „Св. Климент Охридски“ во Драчево, како дел од активностите на проектот „Star for Life“, чија главна цел е превенција на булингот и врсничкото насилство.
„Оваа посета претставува значаен чекор во продлабочувањето на соработката и е недвосмислена потврда на меѓународната поддршка за градење поздрава училишна средина. Истовремено, меѓународните тимови кои неделава престојуваат во Скопје, ги започнуваат процесите за формирање и обука на македонскиот тим кој директно ќе работи со наставниците и учениците од четврто, петто и шесто одделение на препознавање и спречување на ризични ситуации“, соопштија од општината.
Според градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, општината е посветена кон искоренување на врсничкото насилство.
„Нашата визија за модерно образование подразбира паралелно вложување. Затоа, покрај воведувањето светски програми за превенција, од наша страна во тек е и изградба на целосно нов објект за ова училиште. Искуството што ни го пренесуваат нашите шведски пријатели е клучно за нашата стратешка цел: здрави генерации кои ќе растат во средина на меѓусебна почит, безбедност и толеранција“, изјави Стаменкоска Трајкоска.