Ситуацијата е целосно под контрола и ние внимателно ја надгледуваме.
„Не постои никаков проблем и нема потреба од креирање вознемиреност кај граѓаните дека нема да има достапни нафтени продукти“, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Како одговор на новинарски прашања поставени по одржувањето на панел-дискусијата за економскиот растеж во Владата, Димитриеска-Кочоска информираше дека вчера во Министерството се одржал состанок со претставници на компаниите за нафта и ниту една од нив не пријавила, како што рече, дека има какви било потешкотии со резервите на нафта.
Инспектори вршат проверки на терен во врска со цените и евентуалните поскапувања, истакна таа. Повеќе од стотина бензински станици беа посетени од Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатото деноноќие.
Доколку се оцени дека е потребно, министерката наведе, Владата би можела да прогласи вонредна состојба и Министерството за финансии би ги активирало предвидените законски механизми.
Таа ги насочи прашањата кои се однесуваат на цените на бензините и нафтата кон Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која, како што информира, ќе одржи состанок во понеделник.
„Жал ми е што во секоја ваква ситуација поединци секогаш се трудат да остварат профит и тоа е целта што најверојатно голем дел од луѓето ги води, па создаваат вештачки кризи, дека нема доволно нафта. Состанокот вчера беше на одлично ниво, ниту една компанија не кажа дека воопшто има каков било проблем со залихи на нафта. Во законот за акцизи има автоматски стабилизатори. Тоа значи, ако се прогласи кризна состојба во државата, по автоматизам министерот за финансии носи одлука за промена на цената на акцизата. Ако цената на нафтата оди нагоре, намалувањето е 1, 2 и 4 денари зависно од тоа во кој праг влегуваме. Но, состојбата ја следиме, се е под контрола. Нема потреба граѓаните да чувствуваат паника. Во понеделник, РКЕ, која е надлежна за цените, ќе се состане. Таа одлучува како независен орган. Ние како Министерство сме ги вградиле автоматските стабилизатори и ако има потреба, Владата ќе прогласи кризна состојба и ние веднаш ќе постапиме. Во однос на претходни кризи и искуства гледаме дека ситуацијата е многу постабилна, но ние не сме експерти за нафта, најсоодветно е за тоа да ги прашате РКЕ“, порача Димитриеска-Кочоска.
Министерката не прецизираше дали се спроведуваат и други, нови инспекциски активности. За тоа, според неа, најдобро би било да се обрати Министерството за енергетика.
„На неколку пумпи е забележано, зашто од главните складишта не биле испорачана нафта или бензин до пумпите. Но, тоа е во рамки на организацијата на самите компании, кажаа сите вчера дека нема никаков проблем и дека ова може да се случи во кои било услови и дека им требаат неколку часа за транспорт на нафтата од складиштето до пумпата. Во однос на кризна состојба, повторно ќе кажам, не можам да се согласам дека можеме да предвидиме, денеска цените се стабилни и имаше намалување за еден долар во однос на вчера“, потенцира Димитриеска-Кочоска.