Попладнево во Скопје ќе се одржи Меѓународната ноќна атлетска трка „Низ Улиците на Скопје 2024“. Ноќната атлетска трка е една од најстарите манифестации во градот и се организира по повод ослободувањето на Скопје, 13 Ноември. Првата трка била одржана во 1953 година, кога се трчало во поединечна и екипна конкуренција, стартот и целта биле на срeдината на плоштадот, a должината била 5 километри.
Трката денеска ќе започне во центарот на Скопје, кај Триумфалната капија од 16 часот. Ќе бидат организирани детска трка на 400 метри за најмладите до 12 години и главна трка на 5 километри во машка и женска конкуренција.
За време на одржувањето на трката низ центарот на градот ќе важи посебен сообраќаен режим. Настанот ќе се одвива од Порта „Македонија“, преку плоштад „Македонија“, по ул.„Никола Вапцаров“, десно по ул.„Димитрие Чуповски“, до крстосница со ул.„Даме Груев“, полукружно назад по истата улица, во продолжение по ул.„11-ти Октомври“ до крстосница со бул.„Кочо Рацин“, полукружно назад по истата улица, десно по ул.„Филип Втори Македонски“, лево по пристапната улица на ГТЦ и десно до целта кај Порта „Македонија.
Трката е организирана од Атлетската Федерација на Македонија, а е поддржана од Општина Гази Баба, Министерството за спорт и МВР.