Светски ден на книжевноста за деца: Објавена нова книга од Стојан Тарапуза

По повод Светскиот ден на книжевноста за деца, „Панили“ ја објави „Јатки од зборови“ – нова книга од бардот на македонската книжевност за деца, Стојан Тарапуза.

Песните што ја сочинуваат „Јатки од зборови“ се создавани спонтано и во подолг временски период.

Содржински се разликуваат едни од други, но во однос на пораките што ги сугерира книгата се многу слични. Тоа на книгата ѝ дава посебен белег. Нејзините поглавја, дваесет и шест на број, се со богата содржина и се одвиваат во разговорна форма којашто е исклучително важна за детето.

Книгата „Јатки од зборови“, како што е нагласено во рецензијата, и тоа во рима: „заличува на вазна од зборови и на гоблен извезан од прашања и од одговори“.

Во однос на стилот, на формата и на структурата таа е во духот на богатиот книжевен опус на Стојан Тарапуза, со препознатливата игра на звучноста и поучноста во стиховите.

Со стиховите на Тарапуза израснаа многу генерации, а денес, кога тој е дел од македонскиот книжевен канон, неговото најново творештво се издвојува како највредното од поезијата за деца и за генерациите на 21. век.

Во десеттата деценија од својот живот, Тарапуза важи за еден од најпродуктивните македонски писатели воопшто, со активен творечки опус. Претходно, и книгоиздавалеството „Матица македонска“ објави неколку негови книги во последните две децении. Критиката оценува дека новите изданија од творештвото на Тарапуза треба да се задолжително четиво за секое дете, зашто секоја од неговите книги соодветствува на потребите и предизвиците во различни фази на развојот на детската личност – со исклучително високо естетско и дидактичко ниво што сѐ уште е ненадминато во актуелната македонска поезија за деца.

„Јатки од зборови“, како и претходните книги на Тарапуза, веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“ и преку веб-страницата.  

INFO