Орце Ѓорѓиевски: Подобрена наплата на даноци, следува репроценка на имотот

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека во изминатите години наплатата на даноците била на ниско ниво, што создало сериозни финансиски предизвици за градот.

Тој информираше дека во текот на минатата година се наплатени околу една милијарда денари, при што дури 70 проценти од средствата биле собрани по преземањето на новата администрација, што според него укажува на значително подобрување на фискалната дисциплина.

За постигнување на овие резултати, како што посочи, биле преземени законски мерки, вклучително и блокирање на сметки на должници.

Ѓорѓиевски упати апел до граѓаните навремено да ги подмират обврските за 2022, 2023 и 2024 година, со цел да се избегнат присилни наплати во иднина.

Воедно, најави дека во соработка со UNDP ќе започне процес на репроценка на данокот на имот, кој ќе се реализира во повеќе фази. Целта е зголемување на приходите, при што се очекува годишен раст од над 30 милиони евра.

Како дел од процесот, ќе се врши вкрстување на податоци со Агенција за катастар и недвижности за утврдување на реалната состојба, а првата фаза ќе започне во општините Карпош и Центар, каде се утврдени најголеми разлики во наплатата.

INFO