Во соопштението Сељами нагласува дека еднаквоста и пристапот до сите права и услуги што ги гарантира државата треба да бидат принцип што важи за сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.
„Еднаквоста, пристапот до сето она што го гарантира државата, мора да биде принцип што ќе важи за сите, без разлика на која етничка заедница припаѓаат. Сегрегацијата во училиштата и дискриминацијата мора да ја оставиме далеку зад нас доколку сакаме да зборуваме за мултикултурно општество“, наведува тој.
Посебен акцент народниот правобранител става на образованието како клучен фактор за подобрување на животните услови на ромската заедница.
„Местото на ромските деца е во училишните клупи, не на улиците, како што, за жал, покажуваат нашите истражувања. Токму затоа секој фактор во нашата држава мора максимално да се залага оваа состојба да се надмине“, дополнува тој.
Сељами оценува дека токму преку квалитетен и инклузивен образовен процес се отвора патот кон целосна интеграција на сите етнички заедници, вклучително и Ромите.
„Без тоа, не можеме да зборуваме за просперитетна и правна држава, која сите ќе ја чувствуваат како свој дом“, се вели во соопштението на народниот правобранител.