Петнаесеттото издание на Самитот, кое се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство“, ги обедини носителите на јавните политики, бизнис-лидерите, претставниците на меѓународната заедница, академската сфера и македонската дијаспора, со цел да се поттикнат конкретни разговори и партнерства за идниот развој на Македонија и регионот.
Самитот беше отворен со обраќања на претседавачот на Одборот на директори на Македонија 2025, Виктор Мизо, ко-основачот на организацијата, Мајк Зафировски и извршната директорка, проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, како и со интервју со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски.
Во својот настап, премиерот Мицкоски порача дека Македонија мора да го искористи актуелниот моментум за побрза економска трансформација и посилно регионално и европско поврзување. Тој нагласи дека инфраструктурното поврзување, дигитализацијата, модернизацијата на институциите и создавањето стабилна и предвидлива бизнис-клима се клучни предуслови за поголем економски раст и повисок животен стандард.
Претседателот на владата посочи дека државата мора да продолжи со инвестиции во инфраструктурата, енергетиката и дигиталната трансформација, оценувајќи дека токму тие процеси ќе бидат основа за поголема конкурентност на македонската економија и за отворање нови можности за домашните компании и младите генерации.
Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо, порача дека светот денес се менува побрзо од кога било и дека токму затоа лидерството, иновациите и способноста за брза адаптација стануваат клучни фактори за успех.
„Малите држави како нашата не можат да се натпреваруваат по големина, но можат да се натпреваруваат преку агилност, знаење, иновации и брз раст. Економскиот раст денес повеќе не зависи само од капиталот, туку од луѓето, талентот и способноста брзо да се носат одлуки и да се имплементираат“, истакна Мизо.
Тој нагласи дека зелената и дигиталната трансформација повеќе не се избор, туку неопходност, а дека дијаспората претставува огромен потенцијал за Македонија преку знаење, инвестиции, менторство и отворање нови глобални можности.
Членот на Одборот на директори на Македонија2025, Кати Ицева, ја истакна потребата од системска дигитализација и подготвеност за користење на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека без соодветна инфраструктура, податоци и дигитална зрелост не може да се создаде вистински импакт.
„Технологиите се многу битни, но тие технологии сами не можат ништо да направат. За да се дојде до вистински импакт, мора да има инфраструктура, податоци и дигитализација“, истакна Ицева, осврнувајќи се и на иницијативата „Go Digital“ преку која Македонија2025 работи на поддршка на компаниите и институциите во процесот на дигитална трансформација.

Во текот на првиот ден од Самитот се одржуваат панели и разговори посветени на тоа што треба да се промени за Македонија и регионот да го забрзаат растот, дали регионот може да премине од потенцијал кон реални перформанси, зошто сега е вистинскиот момент за инвестиции, како инфраструктурата може да биде мултипликатор на растот, како иновациите се создаваат преку прекугранична соработка и што значи лидерство во глобална економија што постојано се менува. На Самитот учествуваат бројни домашни, регионални и меѓународни лидери од бизнисот, финансиите, технологијата, дипломатијата и академската заедница.
Со богата агенда, силни пораки и учество на истакнати говорници од земјата и странство, годинешниот Самит на Македонија2025 уште еднаш ја потврдува својата улога како една од најзначајните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон економски развој, лидерство и глобално поврзување на Македонија.