Земјите од Западен Балкан, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија, настапуваат заеднички со барање за измени во правилата поврзани со европскиот Механизам за прекугранично прилагодување на јаглеродните емисии (CBAM), предупредувајќи дека актуелната рамка може да има спротивен ефект врз интеграцијата на регионалниот пазар на електрична енергија со оној на Европската Унија.
Иницијативата е формализирана преку писмо што црногорскиот министер за енергетика и рударство, Адмир Шахмановиќ, го упатил до надлежниот одбор на Европскиот парламент, во координација со Секретаријатот на Енергетската заедница. Во документот се нагласува дека неизвесноста што ја создава примената на CBAM веќе се одразува врз пазарното однесување, со намален интерес од европските купувачи за увоз на електрична енергија од регионот, вклучително и онаа произведена од обновливи извори.
Според ставот на министерствата од регионот, новите правила, кои од почетокот на 2026 година воведоа јаглеродна давачка за целата електрична енергија извезена кон ЕУ, без разлика на нејзиното потекло, создаваат дополнителен притисок врз пазарите, особено во периоди кога хидропотенцијалот има значајно учество во производството. Тоа, како што се наведува, ја намалува предвидливоста и ја ослабува довербата кај трговските партнери.
Во заедничкиот настап, земјите од Западен Балкан предупредуваат дека ваквиот развој може да го забави процесот на т.н. спојување на електроенергетските пазари (market coupling) со ЕУ, и покрај тоа што, како што истакнуваат, регионот веќе направил значителни чекори во усогласувањето со европската регулатива во енергетскиот сектор.
Поради тоа, тие предлагаат „таргетирани и ограничени подобрувања“ на постојниот законски амандман (ЕУ) 2023/956, со кој се уредува CBAM. Меѓу клучните идеи е можноста електричната енергија да биде изземена од механизмот порано од предвиденото, доколку се потврди нејзиното потекло преку верификација.
Дополнително, се предлага поголема флексибилност во утврдувањето на роковите и цената на јаглеродната такса, преку заеднички пристап меѓу Европската комисија и земјите од Енергетската заедница. Како потенцијални докази за потеклото на електричната енергија се наведуваат договорите за купопродажба на електрична енергија (PPA) и гаранциите за потекло (GO).