Русија по третпат во Украина ја употреби својата моќна хиперсонична балистичка ракета „Орешник“, како дел од масовен напад врз Киев и околниот регион, при што загинаа најмалку четири лица, а околу 100 беа повредени, пренесе „Гардијан“.
Русија го погоди местото Била Церква во киевската област со оваа ракета, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој опиша тежок руски напад кој погодил и објект за водоснабдување, запалил пазар и оштетил десетици станбени згради и неколку училишта.
„Тие се навистина изопачени“, напиша Зеленски на Телеграм.
Зеленски на X напиша дека околу 100 луѓе биле повредени низ целата земја, а четири лица загинале како последица на рускиот напад, при што Киев бил најтешко погоден.
Руското Министерство за одбрана ја потврди употребата на „Орешник“, кој може да носи нуклеарни или конвенционални боеви глави, што е третпат ова оружје да биде употребено во конфликтот.
Според руските новински агенции, Министерството за одбрана соопштило дека успешно извршило напади врз украински воени командни центри, воздухопловни бази и други воени објекти, користејќи ракети „Орешник“, „Искандер“, „Кинжал“ и „Циркон“.
Министерството соопштило дека нападот бил одмазда за украинските напади врз „цивилни објекти на руска територија“.
Зеленски го опиша нападот како „тежок напад“ насочен кон Киев, во кој биле употребени 600 дронови и 90 ракети од различни видови, од кои 36 биле балистички.
„За жал, не сите балистички ракети беа пресретнати, најголемиот број погодоци беа во Киев. Киев беше главната цел на овој руски напад“, напиша тој на X.