Курбан Бајрам, еден од најзначајните празници во исламот, денеска го одбележуваат верниците од муслиманска вероисповед ширум земјава и светот. Празникот, кој доаѓа два месеца и десет дена по Фитр Бајрам, носи пораки на солидарност, духовна посветеност и меѓусебна грижа.
Утрото започна со Бајрам намаз во џамиите, каде верниците се собраа на заедничка молитва и упатија молби за мир, здравје и благосостојба. Во исламската традиција, Курбан Бајрам има посебно место бидејќи симболизира пожртвуваност, вера и подготвеност за помагање на другите.
Централен чин на празникот е принесувањето курбан: жртва што најчесто се состои од овен или теле. Според обичајот, месото од курбанот се дели со семејството, соседите, пријателите и социјално ранливите категории, со што се нагласува хуманоста и заедништвото како темелни вредности на празникот.
Курбан Бајрам трае три дена и воедно го означува завршувањето на аџилакот во Мека, еден од петте столбови на исламот. За муслиманските верници, аџилакот претставува духовно патување и симбол на единство меѓу луѓето без разлика на нивната националност или општествен статус.
По повод празникот, поглаварот на Исламската верска заедница, Реис-ул-улема ефенди Шаќир Фетаи, испрати порака до верниците во која повика на меѓусебно почитување, разбирање и надминување на поделбите во општеството.
Во своето обраќање тој истакна дека Курбан Бајрам е потсетник за важноста на човечките вредности и потребата луѓето да се ослободат од омразата, зависта, дискриминацијата и нетолеранцијата, градејќи општество засновано на мир и солидарност.
…