Мицкоски: Македонија меѓу првите пет во Европа по економски раст

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Македонија бележи економски раст и се движи во позитивна насока, повикувајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика и Евростат.

На прес-конференцијата тој истакна дека според податоците на Евростат, земјата е меѓу првите пет во Европа по раст на Бруто домашниот производ во однос на неговата големина. Според него, ова е резултат на повеќе последователни квартали на позитивен економски тренд.

Мицкоски се осврна и на индустриското производство, нагласувајќи дека во април годинава е забележан раст од 7,6% во споредба со истиот месец лани. Во првите четири месеци од годината, како што рече, индустријата е во мала, но позитивна зона од околу 0,2%, и покрај глобалните економски и енергетски предизвици.

Третиот показател на кој се осврна беше вработеноста. Тој посочи дека бројот на вработени е зголемен за околу 16.000 до 17.000 лица во првите 21 месец од работата на Владата, според податоците што ги изнесе.

Премиерот нагласи дека, и покрај сложената глобална економска состојба, Владата останува фокусирана на инвестиции, отворање нови работни места, намалување на долгови и справување со кризите.

„Економскиот раст не се само бројки, туку доказ за работа и подобар животен стандард“, порача тој, додавајќи дека целта е стабилна и конкурентна економија со повисоки плати и нови можности за граѓаните.

INFO MAK