Претставници од седум балкански држави и Европската комисија ќе се сретнат во Солун на високо ниво за разговори за инвестициите во Коридорот 10, една од најважните транспортни рути во регионот.
Како што информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување во „Тема на денот“ на Сител, состанокот ќе се одржи на 18 јуни и ќе ги опфати инфраструктурните приоритети и поврзувањето на регионот.
На средбата ќе учествуваат Македонија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, заедно со европскиот комесар за транспорт и мобилност Апостолос Цицикостас.
Николоски истакна дека изградбата на брзата железничка линија од Куманово до Гевгелија е од клучно значење за Македонија да ја задржи својата геостратешка позиција и да остане централна транзитна рута на Балканот.
„Колку подобра поврзаност на Балканот, толку подобро. Рутата низ Македонија е најкратка и економски најисплатлива. Затоа е важно сериозно да се работи на брзата пруга, за државата да го задржи своето место на картата на регионалниот транспорт“, изјави Николоски.
Тој додаде дека во спротивно постои ризик Македонија да остане заобиколена во новите транспортни проекти во регионот, но нагласи дека земјата има временска предност во реализацијата на сопствените инфраструктурни планови.