„Амбасадата на Бугарија во Скопје им се заблагодарува на сите бугарски институции, организации и граѓани кои изразија поддршка за мисијата во актуелните особено тешки околности. Исто така, го поддржуваме правото на мирни граѓански протести како основно право во секое вистинско демократско општество. Воедно, најсилно бараме да не се провоцира блокирање на контролни пунктови или патишта меѓу Бугарија и Северна Македонија“, напиша Радуков на официјалната фејсбук страница на Бугарската амбасада во Македонија.
Интересот на Бугарија, пишува Радуков, бара Бугарите да бидат отворени за, како што ја нарекува Македонија, нашите југозападни соседи, и повикува наместо блокади Бугарите да придонесуваат за запознавање на Македонците со современата бугарска култура, како и промоција на, како што вели тој, контакти меѓу долго одделените семејства.
„Ова е најдобриот начин да се спротивставите на омразата. Само вака ќе ги потсетиме соседите колку сме блиски и кои придобивките се не само од нашата заедничка историја, туку и од нашата заедничка иднина во обединета Европа. Изразувањето на незадоволство и загриженост на бугарското општество со она што се случува во Скопје треба да има конструктивен и европски карактер“, вели во објавата Радуков.
Тој уште посочува дека Бугарија внимава и на „одредени медиуми и јавни личности во Северна Македонија дека е недоследно и непродуктивно да се дефинираат бугарските организации како ‘антимакедонски’ поради различни оценки и ставови за состојбата со билатералните односи и политиката на властите во Скопје“.
„Плурализмот е карактеристика на демократијата и неговата манифестација не е насочена ‘против’ никого, туку има за цел да отвори дијалог меѓу заедниците како предуслов за градење слични наративи и разбирање“, напиша Радуков на фејсбук.
Претходно, бугарската Фондација „Македонија“ најави дека в недела ќе ги блокира трите гранични премини помеѓу Македонија и Бугарија. Блокадата, како што соопштија од фондацијата, е координирана со Министерството за внатрешни работи на Бугарија и ќе трае два часа, од 11 до 13 часот.
Целта на блокадата, како што пишува на фејсбук страницата на фондацијата е на македонскиот премиер Христијан Мицкоски „демонстративно да му се покаже дека не може да продолжи со прогонот на Бугарите во земјава, со нападите и со измислените судски пресуди против Бугарите“.
Најавата за блокада на граничните прмеини доаѓа откако на 15 јуни беа опожарени две дипломатски возила на Амбасадата во Бугарија во Скопје.