Цуцковски: „Охридско лето“ е моќен инструмент на културната дипломатија и мост меѓу народите

Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, учествуваше како говорник на панел-дискусијата посветена на културната дипломатија, која се одржа во Палата Србија во Белград. На настанот присуствуваше и премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, заедно со бројни претставници на дипломатскиот, културниот и академскиот сектор.

Културниот дијалог, уметноста, музиката и меѓучовечките врски беа во фокусот на настанот „Cultural Notes of a Shared Future“ (Културни белешки за заедничката иднина), кој ја истакна улогата на културата во градењето меѓусебно разбирање и создавањето заедничка иднина во сè поповрзаниот свет.

Претставниците на културните институции, уметници и експерти од повеќе земји, разговараа за културата како значаен инструмент за јакнење на меѓународната соработка, развојот на културната дипломатија и продлабочувањето на меѓусебното разбирање меѓу народите.

Во своето обраќање, Цуцковски го претстави најголемиот македонски музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, осврнувајќи се на неговата повеќедецениска улога во афирмацијата на македонската култура и уметност на меѓународната сцена.

„Охридско лето претставува една од најзначајните платформи за културна дипломатија на Северна Македонија. Основан во 1961 година, фестивалот повеќе од шест децении ги поврзува уметниците, институциите и публиката од различни земји преку музиката, театарот и другите сценски уметности. Културната дипломатија се заснова на идејата дека културата може да создаде меѓусебно разбирање и доверба меѓу народите. Во таа смисла, Охридско лето функционира како „мека моќ“ на државата, претставувајќи ја македонската култура пред меѓународната јавност и истовремено овозможувајќи културна размена со светот“, истакна Цуцковски.

Тој ја нагласи важноста на „Охридско лето“ како платформа за промоција на националниот идентитет, но и како мост што ги поврзуваат различните култури и народи.

„Фестивалот има силен меѓународен карактер. На неговите сцени настапувале бројни светски познати уметници, диригенти, солисти и театри, што придонесува за градење на позитивен културен имиџ на државата и за нејзино позиционирање на европската и светската културна мапа. Особено значајна е улогата на фестивалот во поттикнувањето на интеркултурниот дијалог. Како член на European Festivals Association и потписник на декларации за интеркултурен дијалог, Охридско лето создава простор каде различни културни традиции се среќаваат и комуницираат преку уметноста“, кажа Цуцковски.

Говорејќи за значењето на фестивалот, Цуцковски истакна дека „Охридско лето“ одамна ја надминало рамката на обичен културен настан и прераснало во значаен промотор на државата.

INFO MAK