Скопје оваа петок и сабота ќе стане место каде што музиката ќе се гледа, а филмот ќе се слуша. Од безвременскиот џез на Мајлс Дејвис, преку поп-феноменот Duran Duran, до електронската револуција на Kraftwerk – 12. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ на 26 и 27 јуни во кино „Фросина“ при Младинскиот културен центар ќе понуди две вечери исполнети со извонредни музички приказни, легендарни имиња и незаборавни филмски доживувања.
Фестивалот, кој веќе дванаесет години е единствена домашна платформа посветена на музичкиот документаризам, повторно ја носи публиката зад сцената на големите музички имиња, откривајќи ги луѓето, идеите и културните пресврти што стојат зад нивните дела.
„Скопје Синема Сити“ годинава отвора значајно поглавје со одбележување на 100 години од раѓањето на Мајлс Дејвис, еден од највлијателните музичари на 20 век и личност која неколкупати го промени текот на современата музика.
Отворање со омаж на Мајлс Дејвис
Фестивалот започнува на 26 јуни (петок) со отворање на изложбата на студентите од академијата „Бреинстер“ во 19 часот, кои активно учествуваа во креирањето на визуелниот идентитет на фестивалот. Авторка на официјалниот фестивалски постер е младата дизајнерка Јана Андреевска.
Во 20 часот следува проекцијата на документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“, впечатлив портрет на човекот кој никогаш не прифаќаше ограничувања и постојано создаваше нови музички хоризонти. Преку ретки архивски снимки, легендарни настапи и сведоштва на неговите најблиски соработници, филмот ја открива сложената личност зад митот за џез-визионерот.
Од MTV генерацијата до електронската иднина
Втората фестивалска вечер, на 27 јуни (сабота), е резервирана за две музички приказни што оставија неизбришлива трага во популарната култура.