Љутков: Две години системски реформи – културата и туризмот повторно станаа државен приоритет

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска на прес-конференција во Владата ги презентираше резултатите од работењето во изминатите две години, истакнувајќи дека Министерството успешно ја стабилизираше состојбата во културата и туризмот, спроведе клучни системски реформи и реализираше значајни инвестиции, со цел овие две области повторно да станат стратешки двигатели на развојот на државата.

Тој нагласи дека во изминатиот период фокусот бил ставен на воспоставување системски пристап, наместо краткорочни решенија, преку стратешко планирање, законски реформи, финансиска стабилизација и капитални инвестиции.

Љутков посочи дека по преземањето на раководењето со Министерството во 2024 година наследен е долг од 273 милиони денари по основ на плати во националните и локалните установи, како и институционален систем без јасни стратешки насоки. Со првиот ребаланс на Буџетот биле обезбедени средства за сервисирање на наследените обврски, дополнителни 71 милион денари за програмски активности и над 78 милиони денари за инфраструктурни проекти во општините.

Во завршна фаза се Националната стратегија за развој на културата, Националната стратегија за културно наследство и Националната стратегија за развој на туризмот, а паралелно се подготвуваат измени на повеќе системски закони од областа на културата, културното наследство, филмската дејност и авторските права.

За првпат е воведен моделот на делегиран буџет во националните установи, кој годинава се применува во 28 институции, овозможувајќи поголема автономија, подобро планирање и поефикасно управување со јавните средства.

Особено значајно е зголемувањето на средствата за Годишната програма во културата од 768 милиони денари во 2023 година на 1 милијарда и 71 милион денари во 2026 година, што претставува раст од речиси 40 проценти. Истовремено, сопствените приходи на националните установи се зголемени за повеќе од 150 проценти во споредба со 2023 година.

Во изминатите две години реализирани се 320 нови вработувања и 35 унапредувања во националните установи, а за првпат е воспоставен и отворен конкурс за мобилност, преку кој македонските културни работници се усовршуваат во престижни академии и културни институции во странство.

По седум години повторно е реализиран конкурсот за креативни индустрии, преку кој за две години се поддржани 108 проекти, а започнато е и национално мапирање на креативните индустрии како основа за првата национална стратегија во оваа област. По речиси една деценија обновен е и откупот на ликовни дела, при што се откупени 37 дела од значајни македонски автори во вредност од 6,6 милиони денари.

INFO MAK