јуни 2026, Скопје – Собранието денеска го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со кој се воспоставува современа, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.
Новото законско решение има за цел да обезбеди поголема заштита на граѓаните, особено на младите, да ја намали сивата економија, да ја зајакне контролата и надзорот врз приредувањето на игрите на среќа, да придонесе во борбата против перењето пари и финансиските злоупотреби и да создаде фер и транспарентни услови за работа на сите приредувачи.
Постојниот закон повеќе од една деценија ја регулираше оваа област, но во меѓувреме пазарот на игри на среќа значително се промени, се појавија нови форми на приредување, се прошири мрежата на деловни простории и оттука се наметна потребата од закон којшто ќе одговори на современите предизвици и ќе овозможи поефикасен надзор и контрола.
Една од новините е регулирањето на подарувањата (giveaway), за кои се воведува обврска за издавање дозвола и плаќање соодветна давачка за нивно приредување. Дополнително, со законот се уредува дека правото на приредување на лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, како и електронските и интернет игрите на среќа, е право на Република Македонија, која ќе ги приредува преку трговско друштво во државна сопственост.
Законот воведува и критериуми за соодветност и интегритет („fit and proper“) за членовите на органите на управување, содружниците и соработниците на друштвата кои поседуваат лиценци за приредување игри на среќа. Овие решенија се во согласност со препораките на MONEYVAL и меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам и претставуваат значаен чекор кон зајакнување на довербата во системот.
Посебен акцент е ставен и на регулирањето на рекламирањето на игрите на среќа. За првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами. Истовремено, се забранува рекламирање кое создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех, решение за лични или социјални проблеми или кое директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив. Дополнително, се забранува користење називи што не одговараат на видот на играта за која е издадена лиценцата, со што се обезбедува поголема транспарентност и заштита на јавниот интерес.