По помалку од два месеци од претходните, во македонското Собрание се доставени нови измени на Законот за студентски стандард, со кои се заострува сместувањето во државните студентски домови. Измените ќе значат воспитни мерки до забрана за престој, како и определување на 30-годишна возраст, како горна граница, до кога ќе може да се добие сместување во дом.
Со законските измени, на студентите кои не се придржуваат на утврдениот куќен ред може да им се изрече воспитна мерка писмена опомена, опомена пред отстранување и забрана на користење на услугите во студентските домови на територија на државата. Овие мерки за за полесни прекршоци, како недолично и неодговорно однесување кон другите студенти и вработените во студентскиот дом, неодговорно однесување кон имотот и инвентарот на студентскиот дом со што се предизвикува помала материјална штета, непочитување на забраната за пушење во студентскиот дом, непристојно однесување во ресторанот на студентскиот дом, неодржување на хигиената во собата и заедничките простории во студентскиот дом и пуштање на гласна музика.
За потешки повреди на куќниот ред на студентскиот дом, може да биде изречена забраната на користење на услугите во студентските домови на територија на Македонија во период од една до пет години.
Потешка повреда е на пример, внесување и употреба на алкохол во собата, отстапување на користење на собата на друго лице со стекнување на материјална корист, како и нередовно плаќање на станарината.
Во измените се предвидува изрекување на забрана за користење на услугите на студентски дом поради ненавремено пријавување на дефекти на уредите кои би предизвикале материјална штета, внесување и употреба наркотични средства, непридржување кон прописите за заштита од болест, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и повреда на прописите за заштита на животната средина, навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување и десетина други прекршувања.
По конечната одлуката за некоја изречена воспитна мерка, студентските домови ќе имаат обврска во рок од три дена да го известат Министерството за образование и наука.
Измените на Законот за студентски стандард се поднесени пред четири дена со потпис на четири пратенички од ВМРО ДПМНЕ.