Полугодишен преглед на Македонската берза: промет од 4,57 милијарди денари, најголем промет со акциите на Македонијатурист

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

Во периодот јануари – јуни 2026 година, на Македонската берза беше реализиран вкупен промет од 4.570.346.699 денари, преку вкупно 8.681 трансакција. Во споредба со истиот период минатата година, вкупниот промет бележи раст од 4,35%, додека бројот на трансакции е намален за 25,94%.

Индексот МБИ10 го заврши првото полугодие на ниво од 9.521,52 поени, што претставува пад од 9,88% во однос на истиот период минатата година. Индексот ОМБ изнесуваше 130,68 поени, со раст од 3,13%. Пазарната капитализација на акциите изнесуваше 338.298.061.816 денари, што претставува намалување од 5,80%.

Од вкупниот промет, 2.125.146.499 денари беа реализирани преку класично тргување, додека 2.402.387.941 денари беа реализирани преку блок-трансакции. Во структурата на прометот, блок-трансакциите имаа најголемо учество со 52,56%, официјалниот пазар учествуваше со 45,86%, редовниот пазар со 0,64%, јавните берзански аукции со 0,60%, а јавната понуда на хартии од вредност со 0,34%.

Најголем месечен промет во првото полугодие беше реализиран во јуни, кога вкупниот промет изнесуваше 1.525.152.507 денари, односно 33,37% од вкупниот полугодишен промет. Значаен промет беше остварен и во јануари, со 997.900.198 денари, како и во февруари, со 897.793.476 денари.

Ликвидноста во првото полугодие беше најизразена кај акциите на Македонијатурист Скопје, Комерцијална банка Скопје и Алкалоид Скопје. Кај класичното тргување на официјалниот пазар, најголем промет беше реализиран со акциите на Комерцијална банка Скопје, Алкалоид Скопје и Македонски Телеком Скопје.

INFO MAK