Македонскиот народен театар ја заокружи сезоната 2025/2026 со нови премиери, значајни награди и бројни меѓународни гостувања и ја одбележа 80 годишнината на театарот. Воедно и ја најавува новата сезона со премиера на претставата „Три сестри“.
Македонскиот народен театар новата сезона 2026/2027 ќе ја започне со премиерата на претставата „Три сестри“, според драмата на А.П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, која ќе се одржи на 25 септември.
Билетите за претпремиерната и премиерната изведба како и за првата изведба која е закажана за 5 октомври во продажба се достапни од денес, 24 јули, а публиката може навреме да ги обезбеди своите места и да биде дел од отворање на новата театарска сезона.
Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, е современо читање на еден од најзначајните драмски класици.
Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола.
Креативниот тим го сочинуваат: сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, а извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.
Со нова енергија, нови идеи и уште поголеми уметнички предизвици, Македонскиот народен театар продолжува да ја гради својата мисија – да создава врвна театарска уметност и креативност со културни вредности.
Македонскиот народен театар успешно ја заокружи сезоната 2025/2026 – година исполнета со амбициозни продукции, значајни копродукции, бројни гостувања, престижни признанија и силна меѓународна афирмација.