СЕ ПРЕТСТАВУВААТ КАКО МАКЕДОНСКИ ПОРТАЛИ: Бугарска медиумска мрежа на профили и портали шири пропаганда, омраза и раздор, еве ги кои се!

Мрежа од интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик, кои се претставуваат како домашни медиуми, е поврзана со бугарската „Фондација Македонија“ на Виктор Стојанов, покажува истражувањето на „360 степени“. Станува збор за страници што заедно ги следат речиси 140 илјади профили на Фејсбук, а дел од нивните содржини се пласираат со провокативни наслови што поттикнуваат жестоки расправии, национални навреди и говор на омраза.

Најголемиот дел од објавите во оваа мрежа се вообичаени информативни содржини, но одредени теми се претставуваат од изразено пробугарски агол. Најчесто се обработуваат односите меѓу Македонија и Бугарија, како и меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, по што во коментарите редовно следуваат полемики и навреди.

Како пример, на 13 јули 2026 година на пет од овие страници бил објавен дел од интервјуто на Арбен Таравари за поткастот „Почетна пресметка“, со наслови што ја нагласуваат блискоста со Бугарија и потребата Бугарите да бидат внесени во Уставот.

„Таравари: Македонците немаат поблизок народ од Бугарите, мора да го сфатат тоа“

„Бугарите апсолутно треба да влезат во Уставот, сметам дека и ВМРО го има истиот став“

Ваквите објави, според истражувањето, се појавуваат неколкупати дневно. Шемата е иста: се избира содржина за чувствителни меѓудржавни или меѓуетнички прашања, се објавува со провокативен наслов, а потоа расправата во коментарите прераснува во навреди и говор на омраза.

Фејсбук-страниците споделуваат содржини од шест портали, од кои пет се регистрирани во Македонија. Сопствениците на страниците на социјалната мрежа не се јавно достапни според правилата на Фејсбук, но податоците за интернет-домените откриваат заеднички контакт-адреси меѓу повеќе формално одделни портали.

Според податоците на МАРНЕТ, домените vestimak.mk и vestimk.mk ги регистрирал Александар Смиљков. Иако станува збор за две различни интернет-страници, и двете ја користат истата адреса за контакт: vestimak.mk@gmail.com.

Порталите 24mk.mk, mk24.mk и utre.mk ги регистрирал Асен Петровски. И тие, иако се водат како три посебни страници, ја користат истата електронска адреса: v4vfoundation@yahoo.com.

Во анализата се потсетува дека Јавното обвинителство на 4 март 2026 година соопшти дека отворило предмет за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем. Името на осомничениот не беше официјално соопштено, но повеќе портали, повикувајќи се на неофицијални извори, објавија дека станува збор за Виктор Стојанов, основач на Фондацијата „Македонија“.

„Постапката е во тек, се обезбедуваат докази и се вршат вештачења.“

Според неофицијални информации од истрагата, повеќе од 20 портали во Македонија се проверуваат од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност поради сомневања за ширење говор на омраза.

Извор: ЛидерМК.

INFO MAK