Локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ смета дека јавната дебата за проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“ предолго е заложник на стравови, шпекулации и дезинформации, наместо на научни факти, современи технологии и институционални процедури.
Денес, современото рударство нема ништо заедничко со практиките од минатото. Технологиите што се применуваат во најразвиените земји овозможуваат високо ниво на заштита на животната средина и значително ги намалуваат потенцијалните ризици.
Проектот „Иловица–Штука“ предвидува примена на технологијата Dry Stack Tailings – суво одлагање на јаловината, која е препознаена како едно од најсовремените решенија во рударската индустрија. Тоа значи дека не е предвидено класично хидројаловиште со брана, туку филтрирана јаловина со минимална содржина на вода, со што се намалуваат ризиците поврзани со складирањето на рударскиот отпад.
Покрај тоа, проектот предвидува системи за управување, контрола и мониторинг на површинските и подземните води, како и мерки за нивна заштита во согласност со законските барања и еколошките стандарди. Токму затоа, доколку проектот ги исполни сите пропишани услови и ги добие потребните одобренија од надлежните институции, нема основ однапред да се отфрла неговата реализација.
Сметаме дека никој нема право да ја игнорира науката, мислењето на стручната јавност и законските процедури само затоа што тоа одговара на однапред создадени ставови. Одлуките за инвестиции од вакво значење мора да се носат врз основа на докази, стручни анализи и институционални проценки, а не под притисок на дезинформации или политички калкулации.
Во време кога Европа обезбедува сопствени извори на критични минерали, а соседните држави отвораат нови можности за инвестиции и развој, Македонија не смее да си дозволи да остане настрана поради неосновани стравови. Нашата држава има потреба од нови инвестиции, добро платени работни места и развојни проекти кои ќе создадат перспектива за младите луѓе.