Унгарската нуклеарна централа Пакш може со недели да биде исклучена поради нискиот водостој на Дунав

Унгарската нуклеарна централа „Пакш“ би можела да остане целосно исклучена неколку недели поради исклучително нискиот водостој на Дунав, предупреди унгарскиот премиер Петер Маѓар. Состојбата дополнително го зголемува притисокот врз електроенергетскиот систем во Унгарија во услови на топлотен бран и зголемена потрошувачка на струја.

Четирите реактори од руско производство во „Пакш“ во моментов работат со помалку од 50 отсто од нивниот вкупен капацитет од два гигавати. Според најавите, централата би можела целосно да биде исклучена во вторник или среда, првпат во 44 години работење, објави Ројтерс.

Водата од Дунав се користи за ладење на реакторите. Производството ќе може повторно да започне кога водостојот ќе се зголеми доволно за безбедно функционирање на централата, но унгарските власти не очекуваат тоа да се случи во следните неколку недели.

„Пакш“ произведува речиси половина од електричната енергија во Унгарија. Владата тврди дека земјата ќе може да ги покрие потребите преку увоз, но предупредува дека истовременото намалување на домашното производство и растот на потрошувачката може да доведат до критична состојба во електроенергетскиот систем.

Побарувачката на електрична енергија во вечерните часови се очекува да порасне за околу 20 отсто поради високите температури и зголеменото користење уреди за ладење.

Унгарската влада побарала од големите индустриски потрошувачи, меѓу кои производителите на автомобили и батерии, привремено да ја намалат потрошувачката на електрична енергија и вода.

Нафтената и гасна компанија МОЛ, еден од најголемите потрошувачи на струја во земјата, најавила намалување на потрошувачката за 40 отсто. „Самсунг СДИ“, кој има фабрика за батерии северно од Будимпешта, соопштил дека ќе ја преполови потрошувачката на вода и ќе троши 10 отсто помалку електрична енергија во критичните вечерни часови.

Последиците од сушата се чувствуваат и во Романија, каде што поради рекордно нискиот водостој на Дунав веќе е исклучен еден нуклеарен реактор. Романските власти прогласија вонредна состојба на национално ниво во текот на август и најавија зголемен увоз на електрична енергија од Украина, Грција и Бугарија.

Унгарија, пак, најави дека до 2030 година ќе развие ветерни електрани со вкупен капацитет од четири гигавати, финансирани со европски фондови и приватен капитал. Целта е да се диверзифицира производството и снабдувањето со електрична енергија во иднина да биде помалку зависно од водостојот на Дунав.

Европската комисија соопшти дека внимателно ја следи состојбата во Унгарија, Романија и поширокиот регион на Југоисточна Европа. Според Комисијата, засега не постои непосредна опасност за снабдувањето со електрична енергија, но таа е подготвена да свика итен состанок на Координативната група на ЕУ за електрична енергија доколку биде потребно.

INFO MAK