Министрите Панче Тошковски и Иван Стоилковиќ беа пречекани од нивните српски колеги, Немања Старовиќ и Снежана Пауновиќ.
Илинден е празникот кој е гордост на македонските граѓани, рече министерот за внатрешни работи Тошковски.
Српскиот министер Старовиќ, како специјален пратеник на претседателот Вучиќ на чествувањето во „Прохор Пчињски“ истакна дека Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ претставуваат важни датуми од слободарската борба на Македонија.
Во „Прохор Пчињски“ пред 82 години изгласани се неколку важни документи за македонската држава, од станување на македонскиот јазик за официјален во државата, до Декларација за заштита на основните човекови права на граѓаните во демократска Македонија.
„Чествувањето го продолживме во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде заедно со висока делегација на Република Србија положивме цвеќе во спомен-капелата и оддадовме почит на историското значење на ова место за македонската државност. Македонскиот народ има славно минато, но и обврска кон иднината. Да ја чуваме слободата, да ја јакнеме државата и да градиме општество во кое достоинството, единството и љубовта кон татковината ќе нè водат напред. Нека ни е честит и вековит Илинден – Денот на Републиката! Да живее Македонија“, напиша Тошковски на својот фејсбук-профил.