„Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман“, истакнал министерот.
На одделната средба со производителите на пиперка биле сослушани забелешките и барањата поврзани со почетните откупни цени, производствените трошоци и последиците од временските непогоди врз годинашната реколта.
Министерот Серафимовски истакнал дека секој земјоделец, независно дали настапува индивидуално или преку здружение, има право неговите аргументи да бидат разгледани сериозно и одговорно.
„Зад секој предаден килограм стојат вложувања, труд и приход на едно земјоделско семејство. Затоа разговорот за откупот не смее да се сведе само на бројки, туку мора да ја опфати и одговорноста на секој учесник во синџирот. Секој земјоделец што се соочува со реален проблем е легитимен соговорник“, порача Серафимовски.
Тој информираше дека Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа, ќе бидат преземени, рече, соодветни мерки.
Идната недела министерот Серафимовски ќе се сретне и со сопствениците на преработувачките капацитети, со кои ќе разговара за расположливите капацитети, планираните количини за откуп и можностите за пласман на годинашната реколта на пиперката.