Експлозија во магацин за оружје во Бугарија, евакуирани 300 вработени

Силни експлозии го потресоа реонот на воениот погон „Емко“ во близина на селото Белица во Бугарија, откако првичните извештаи сугерираа дека камион се запалил, а пожарот зафатил магацин за муниција. Во инцидентот нема повредени, а околу 300 работници се евакуирани од погонот. Бугарските медиуми јавуваат дека пожарот е ставен под контрола без да предизвика сериозна штета.

„Причините за инцидентот се разјаснуваат, но поверојатно се внатрешни“, рече министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев. Сепак, тој не прецизираше на кои информации се темели за да го донесе овој заклучок веднаш по инцидентот.

Ова е најновиот инцидент во бугарски погон за специјално производство во последните десет години. Во претходни слични случаи, десетици луѓе загинаа, а обвинителството утврди руска врска во некои од нив. Компанијата „Емко“ е во сопственост на трговецот со оружје Емилијан Гебрев, против кого имаше обид за атентат поврзан со руски служби.

Компанијата објави дека причините за инцидентот се разјаснуваат, заедно со надлежните органи, но и дека човечката грешка е исклучена. Од таму потсетуваат дека имало слични инциденти во магацините на Емко во 2011, 2022 и 2023 година.

„Слични инциденти се случија во текот на изминатите петнаесет години кај други производители на одбрана, вклучувајќи го и ВМЗ Сопот, во пролетта 2015 година. Истрагите за овие инциденти сè уште се во ќорсокак, и покрај сите наши повици за резултати“, изјавија од Емко.

Експлозиите биле предизвикани од запален камион, објави градоначалникот Денчо Минев, на својот Фејсбук профил.

„Додека не се утврдат точните причини за несреќата, пристапот до областа не е дозволен. На местото на инцидентот се испратени противпожарни и полициски екипи“, рече градоначалникот.

Во фабриката се произведуваат артилериска и тенковска муниција од различни калибри и модификации.

Ова е уште еден инцидент во воена фабрика. Во последниве години, десетици луѓе загинаа во експлозии во Арсенал, Казанлак, Горни Лом, Петолачката, Костенец, Маглиж и Иганово. По долго одложување, бугарските власти објавија дека четири експлозии во воени магацини веројатно биле извршени од офицери од руското воено разузнавање. Еден од случаите беше во магацинот на Емко во Ловнидол.

INFO MAK