Шест незаборавни џез вечери на „Охридско лето“

Првото издание на новата програма „Џез вечери“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“, ќе се одржи од 13 до 16 август.

Предвидени се шест концерти на врвни музичари меѓу кои Крсте Роџевски, Дине Донеф трио, Нубаја Гарсија, Питер Сомуа, „Kiioto“ и македонските уметници од Националниот џез оркестар. Програмата ќе се реализира во црквата „Света Софија“ и нејзиното Предворје, како и на сцената Долни Сарај.

На првата џез вечер, на 13 август, се предвидени два концерти од кои првиот во 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе го одржи Крсте Роџевски, македонски пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена во Њујорк уште од неговата преселба во градот во доцните 90-ти години на минатиот век. Тоа всушност ќе биде концертна промоција на албумот на Роџевски, „Orthodoxia Kai Thanatos“.

Од 21 часот и 30 минути во Предворјето на црквата, следува уште еден концерт на Дине Донеф со неговото трио, во кое настапуваат Харис Ламбракис на неј и на оргули и Кирјакос Тапакис на уд. Дине Донеф (Костас Теодору) е композитор, контрабасист, мултиинструменталист, едукатор и автор со препознатлив музички јазик.

На втората џез вечер, 14 август, на сцената Долни Сарај од 21 часот, љубителите на џез музиката ќе имаат вистинско уживање со концертната програма „Македонски сновиденија“ на Националниот џез оркестар на РС Македонија. Под диригентската палка на Владимир Николов, оркестарот ќе ја поведе публиката на магично музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонската традиција, прераскажани преку слободниот јазик на џезот. Специјален гостин на концертот ќе биде Питер Сомуа, западноафрикански трубач со потекло од Гана, кој живее и работи во Холандија.

INFO MAK