„Посетата е можност силните политички односи да ги преточиме во поконкретна соработка, особено во економијата, одбраната и одбранбената индустрија, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот“, истакна министерот Муцунски по средбата.
Двајцата министри потпишаа и два значајни билатерални документи – Програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младите и спортот за периодот 2026–2029 година и Меморандум за разбирање за билатерални економски консултации меѓу двете министерства за надворешни работи. Со нив дополнително се зајакнува институционалната рамка за соработка меѓу двете земји.
Министерот Муцунски изрази благодарност за солидарноста и поддршката што Израел и израелскиот народ ги покажаа по трагедијата во Кочани.
Во разговорите беше изразена заемна определба за натамошно надградување на партнерството преку конкретни проекти, посилни економски врски и отворање нови можности за соработка во повеќе области, соопшти МНР.