„Внатрешниот“ долг на државата се доближи до 700 милиони евра

Долгот кон приватниот сектор, невладините и граѓанските организации надмина 315.000.000 евра.

Има пораст на доспеаните, а неплатени обврски кон јавниот сектор и кон приватниот сектор, здруженијата на граѓани и невладините организации. Новите податоци за состојбата со внатрешните обврски покажуваат дека на крајот од јуни годинава тие се зголемени и во однос на првиот квартал и во однос на истиот период лани. Намалување на должничкиот износ има кон странство и кон физички лица.

На крајот од јуни доспеаните обврски достигнаа  692.523.113 евра и според пресметката на “Порталб“, за шест месеци или во однос на крајот на декември 2025-та, тие се зголемени за 26.370.000 евра. Пораст на доспеаните, а неплатени обврски има и на квартално ниво, за дури 17.550.000 евра, додека пак во однос на лани истиот период долговите се зголемени за речиси 3.000.000 евра.

                                 Доспеани, а неплатени обврски

Јуни 2026                    692.523.113 евра

Март 2026                   674.979.750 евра

Декември 2025           665.803.009 евра

Јуни 2025                    689.677.466 евра

Извор : МФ

Доспеаните, а неплатени обврски кон јавниот сектор достигнаа 344.502.000 евра и во однос на состојбата со крајот на минатата година, тие се зголемени за околу 15.000.000 евра. На второ место се обврските кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации, во износ од речиси 315.200.000 евра и овој долг за шест месеци е зголемен за 20.300.000 евра.

                             Доспеани, а неплатени обврски

                                                               Јуни 2026              Март 2026

Кон јавен сектор                                    344.501.982       329.057.229

Кон приватен и граѓански сектор            315.178.243       294.884.695

Кон физички лица                                     3.031.000          8.814.912

Кон странство                                          29.811.987         33.046.172

Извор : МФ

Долговите на државата кон физички лица на крајот од вториот квартал изнесувале нешто над 3.000.000  евра и во однос на крајот на декември има намалување. Во анализираниот период, намалување има и на доспеаните, а неплатени обврски кон странство, кои на крајот на јуни изнесувале скоро 30.000.000 евра.

На новата должничка листа и натаму првите пет места се резервирани за двете железнички компании, за двете енергетски државни фирми и за јавните установи од областа на здравството за потребите на здравствените институции. Споредбената анализа на „Порталб“ покажува дека на квартално ниво државните железнички компании го „набилдале“ долгот, додека доспеаните, а неплатени обврски на  енергетските фирми се намалени.

МЖ Инфраструктура                              91.400.000 евра

МЖ Транспорт                                        79.857.530 евра

ЈУ од областа на здравството                  34.977.862 евра

ЕСМ производство                                  33.818.673 евра

ЕСМ дистрибуција                                   29.715.403 евра

Извор: МФ

Конкретно, на прво место со долг кој достигна речиеи 91.400.000 евра е МЖ Инфраструктура, а на второ е МЖ Транспорт со доспеани, а неплатени обврски во износ од речиси 80.000.000 евра, или долгот само на овие две фирми под државна контрола надмина 171.000.000 евра. На трето место со доспеани, а неплатени обврски е ЈУ од областа на здравството (заедничката служба за потребите на здравствените институции) со долг од безмалку 35.000 000 евра. ЕСМ – за производство на струја има обврски во износ од 33.900 .000 евра, а ЕСМ – дистрибуција околу 30.000.000 евра. На новата листа на Министерството за финансии се наоѓаат 903 државни институции, агенции, комисии, општини, државни фирми, локални и градски јавни претпријатија, училишта, болници, институции од социјалната заштита и културата, судови, факултети, обвинителства, министерства, кои пријавиле дека имаат доспеани, а неплатени обврски.