Кошта денеска рече дека поддршката за Западен Балкан, Молдавија и Украина на нивниот пат кон членство во ЕУ е инвестиција во безбедноста и просперитетот на Европа. Тој додаде дека со кандидатите треба да се продолжи да се работи преку процес заснован на заслуги и сите кандидати да бидат третирани еднакво.
ЕУ треба да го забрза патот кон стратешка автономија, рече Кошта и додаде дека проширувањето на Западен Балкан, Молдавија и Украина останува приоритет, а процесот мора да остане заснован на заслуги и сите кандидати да бидат еднакво третирани.
На самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват на 5 јуни Кошта се осврна на француско-германскиот предлог за постепено интегрирање на земјите од Западен Балкан во структурите на ЕУ пред полноправното членство. Тој тогаш оцени дека ова е обид да се поедностави бирократскиот процес на проширување, при што нагласи дека критериумот на заслуги останува.
Марта Кос денеска го претстави новиот концепт, во кој „постепената интеграција“ е една од четирите главни области на реформата на процесот на проширување. Кос денеска во Загреб го претстави предлогот на Европската Комисија за темелна реформа на процесот на проширување на ЕУ, во кој постепената интеграција е еден од клучните елементи. Таа порача дека светот се променил и дека со тоа мора да се промени и процесот на проширување.
Според новиот пристап, кандидатите не би морале да чекаат до формалното полноправно членство за да почнат да ги користат придобивките од ЕУ. Наместо тоа, земјите би се вклучувале постепено во европските политики, институции и делови од единствениот пазар, зависно од постигнатиот напредок.
Кос порача дека ЕУ не смее да прима „тројански коњи“ – односно земји кои формално би станале членки, но потоа би ја поткопувале Унијата однатре. Затоа, според Кос, постепеното приближување треба да биде проследено со многу построги гаранции дека земјата ги почитува демократските и правните стандарди.