Светот се трка по критични минерали, Македонија има потврден бакар во Иловица

Трката за критични минерали забрзува, а САД и Кина во моментов се позиционирани пред Европската Унија во обезбедувањето на суровини што се неопходни за одбранбената индустрија и зелената транзиција, пишува „Фајненшел тајмс“.

Европските претставници од индустријата предупредуваат дека бавната реализација на проектите може дополнително да ја зголеми зависноста на континентот од надворешни извори. Во исто време, домашни експерти укажуваат дека Македонија не треба да остане надвор од глобалните процеси.

Македонија располага со повеќе критични минерали, а меѓу најзначајните е бакарот. Неговото присуство е потврдено и во наоѓалиштето во Иловица, каде е планирана изградба на рудник за бакар.

„Иловица-Штука“ во моментов е единствениот најавен проект за ископ на критичен минерал во земјата. Проекциите предвидуваат производство од до 16 илјади тони бакар годишно, со оперативен период подолг од 20 години.

Овие податоци го отвораат прашањето дали Македонија ќе успее да го искористи сопствениот ресурсен потенцијал во време кога критичните минерали стануваат стратешки приоритет за најголемите светски економии.

Во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, која ја изготвуваше МАНУ, е потенцирано дека порастот на побарувачката на минерални суровини и материјали на глобално ниво се должи на низа процеси, како што се: дигитализацијата, електрификацијата на транспортниот сектор, замената на
постојните постројки за производство на енергија базирани на фосилни горива со обновливи извори на енергија, иновациите во производството на воени технологии, во телекомуникациите, градежништвото и така натаму. Во текстот беше истакнато дека многу од државите прават сериозни напори стратешки да одговорат на овие предизвици преку мапирање на сите засегнати страни во синџирите за снабдување со минерални суровини и материјали, континуирано следејќи ги домашните потреби од различни минерали.

„Имајќи ја предвид континуираната висока побарувачка за метали и минерали,
Република Северна Македонија треба добро да се организира и да се постави за да може соодветно да одговори на идните зголемувања на потреби за снабдување со суровини. Уникатниот геолошки потенцијал на Република Северна Македонија, ја става минералната индустрија во земјата во добра позиција, но за да таа биде во уште поповолна позиција мора да се обезбедат одредени предуслови за тоа – Република Северна Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти“, се истакнува во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046.