ВЛЕН соопшти дека денеска официјално започна реализацијата на втората фаза од автопатот Скопје–Блаце, проект кој, според коалицијата, има историско значење за поврзувањето на Северна Македонија со Косово и со регионот.
Станува збор за делница во должина од 10,5 километри, која треба да обезбеди побрза, посигурна и помодерна патна врска кон Косово, а понатаму и кон јадранските пристаништа.
„По повеќе од две децении чекање и ветувања, овој проект конечно станува реалност“, наведуваат од ВЛЕН.
Според објавата, инвестицијата е вредна повеќе од 198 милиони евра, а проектот предвидува изградба на 5 тунели, 8 мостови, 11 подвозници и 4 галерии.
Од ВЛЕН оценуваат дека автопатот Скопје–Блаце е многу повеќе од обичен патен правец.
„Тоа е врска меѓу луѓето, семејствата, бизнисите и економиите, како и конкретен чекор кон европската интеграција на земјата“, се наведува во соопштението.
Коалицијата потенцира дека со реализацијата на проектот Скопје ќе биде поблиску до Приштина, граѓаните поблиску едни до други, а Северна Македонија поблиску до Европа.