Мицкоски најави национален дата-центар и „клауд“ со поддршка од ЕУ

Во врска со случувањата во Пехчево, Мицкоски вели дека Македнија има антимакедонската опозиција која е против развојот.

„Тие се против рудникот со антимон, против автопатите, хидроцентралите, тие се и против Maкедонија. Имаме опозиција која е против Македонија. Јас не знам за што се. Дата-центрите се иднината на човештвото. Тоа е и наша национална стратегија. Минатата година Франција имаше 68 милијарди евра домашна инвестција во дата-центрите. Бруто домашниот производ на САД расте врз основа на вештачката интелигенција. Доколку ги немале тие инвестиции овие земји ќе беа во рецесија“, изјави премиерот.

Струјата за дата-центрите ќе ја плаќа тој што ќе ја троши, по цена договорена на слободниот пазар, вели Мицкоски и порача дека Владата не се откажува од развојот на оваа индустрија која е иднината на земјата.

Тој вели дека Македонија има избор дали ќе влезе во, како што вели, политичкото мочуриште на опозицијата, или ќе оди по патот на развојот. „Замислете шеикот Мухамед во Дубаи да не почнел да ја експлоатира нафтата, дали тие места ќе се развиеле за какви што ги знаеме денес“.

Во врска со проектот за дата-центар во Пехчево, според премиерот, станува збор за приватна иницијатива за која локалната самоуправа веќе го кажала својот став.

„Ние, како држава, апсолутно остануваме на нашата цел за развој на таков тип индустрија, бидејќи тоа е иднината и тој процес е неповратен“, рече Мицкоски.

Тој порача дека дата-центрите треба да се градат согласно законите и на локации каде што постојат услови.

Премиерот ги отфрли критиките на опозицијата за можните последици од дата-центрите. Според него, дел од јавната дебата се води со недоволно познавање на материјата и со политизирање. Тој се осврна и на забелешките за системите за ладење. Оцени дека дел од критиките се темелат на технологии и модели стари 10, 15 или 20 години. Според Мицкоски, денес постојат различни начини на ладење. Технологијата зависи и од намената на дата-центарот.

„Апсолутно стојам зад изградбата на оваа индустрија и ќе ја поддржам целосно“, рече тој.