Азески со амбасадори и бизнисмени во Дебар, испрати честитка по повод Денот на рударите

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, заедно со дел од дипломатскиот кор и бизнисмени од регионот, престојуваше во Дебар, каде што беа реализирани повеќе активности посветени на унапредувањето на економската и регионалната соработка.

Посетата започна во манастирот „Свети Јован Бигорски“, каде дипломатите и гостите имаа можност да ја разгледаат црквата и манастирските одаи. Во пресрет на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, Азески му подари уметничка слика на манастирот.

Дружењето продолжи во хотелот „Цами“ на Дебарското Езеро, каде во неформална атмосфера дипломатскиот кор, бизнисмени и истакнати личности од регионот разговараа за теми поврзани со бизнисот, економијата и можностите за продлабочување на регионалната соработка.

На средбата било истакнато дека дел од актуелните амбасадори наскоро ќе ги напуштат своите дипломатски позиции во Македонија и ќе преземат нови владини функции во своите земји, што, како што било оценето, отвора можности за продолжување и продлабочување на соработката со Македонија и земјите од Западен Балкан.

По повод 28 Август – Денот на рударите, Азески упати честитка до сите вработени во рударскиот сектор, компаниите, институциите, како и до претставниците на научната и академската заедница.

Во рамки на Стопанската комора функционира Македонската асоцијација за рударство (МАР), која ги обединува најголемите и најзначајните компании од секторот. Од Комората посочуваат дека иднината на рударството треба да се гради преку безбедно, модерно и одговорно користење на природните ресурси, со конкретни придобивки за локалните заедници и целокупната економија.