Дојде време на Македонија да и недостасуваат работници, особено во градежништвото и индустријата. Од некогашниот проблем за вработување сега во овие дејности се бара кој ќе работи.
Компаниите сè потешко наоѓаат работници. Во јуни, првпат од почетокот на годинава, е регистриран месечен пораст на бројот на активни баратели на работа, додека работодавците продолжуваат да пријавуваат потреба од нови вработувања.
Според податоците на Агенцијата за вработување, во јуни како активни баратели на работа биле евидентирани 88.541 лице, што е за 2.425 повеќе во споредба со мај. Дополнително, регистрирани се и 41.281 невработено лице со статус на пасивен барател на работа. Но, недостасуваат работници во најбараните сектори.
Најголем дел од активните баратели на работа се лица со ниско или без образование. Од вкупниот број, 51.390 лица, односно 58 отсто, се без образование или со основно образование, додека 22.195 лица или 25 отсто имаат средно образование. Тоа значи дека дури 83 отсто од активните баратели на работа се без образование, со основно или со средно образование.
Иако бројот на невработени е висок, компаниите и натаму се соочуваат со недостиг на работна сила. Според анкетното истражување на Агенцијата за вработување, речиси 62 отсто од анкетираните работодавци изјавиле дека имаат потреба од нови вработувања.
За годинава, приватниот сектор најавува 14.498 нови вработувања. Најголема потреба има во преработувачката индустрија, каде што се планирани 5.328 нови работни места, односно 36,8 отсто од вкупниот број.