Мотоциклистите повеќе нема да можат да останат незабележани од системот „Безбеден град“, откако Министерството за внатрешни работи воведе техничко решение за нивно регистрирање.
Проблемот досега бил во начинот на кој функционираат камерите. Тие ја снимаат предната страна на возилата, додека регистарските таблички кај мотоциклите се поставени од задната страна.
Поради тоа, мотоциклистите не можеле автоматски да бидат идентификувани при прекршоци за брзо возење.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека МВР поставило дополнителна опрема на избрани локации каде што постојат најдобри технички услови за нејзино функционирање.
Според него, резултатите се видливи уште од првиот ден.
„Го решивме и на дел од територијата на Македонија каде што првично сметавме дека има најдобри услови да се постават, ги поставивме и мислам дека, ако не се лажам, првиот ден имаме констатирано некаде околу 9 прекршоци за недозволена брзина“, изјави Тошковски.
Министерот посочи дека во меѓувреме се надминати и други технички проблеми поврзани со „Безбеден град“, меѓу кои поставувањето на камерите на критични точки и идентификацијата на возила со странски регистарски таблички.